Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека до него стигнала иницијативата на партијата Десна и Љупчо Палевски-Палчо за распишување на референдум на државно ниво по предлог на најмалку 150.000 граѓани за или против Договорот со Бугарија од 2017 година. Како што вели Џафери, тие се јавни личности и не можат да одбегнат намерна или случајна комуникација со било кој, кој ќе реши да контактира со нив.
-На никој на чело не му пишува кој со што се занимава и каква историја има. Мислам дека сум немал средба со него. Како Палчо, дури и кога иницијативата ми дојде, немав претстава кој е човекот. Соодветно според процедурата како граѓанин, тој поднел граѓанска иницијатива за референдум. Во соодветна процедура е процесуирана иницијативата – во меѓувреме се случија настаните. Материјалот од Комисијата, како неуреден, е пуштен до мене. Според процедурата, сум должен на прва наредна седница да се најде на дневен ред. Според обврските на Деловникот, точката се нашла на дневен ред. Собранието формално ќе се изјасни, но во ситуацијава, и да го прифати Собранието предлогот, лицето кое што е овластено според процедурата е проблематично, така да треба да се отфрли предлогот. Носител е лице инкриминирано во кривично дело. Ова е мое првично мислење, кажа синоќа Џафери во емисијата „24 анализа“.
Една недела пред убиството на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и 12 дена пред киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, осомничениот поднел до Собранието предлог за референдум во врска со Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.
Прашањето што Палевски го предлага за референдумот е „Дали сте за договорот склучен на 1 август 2017 година меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“. Разгледувањето на предлогот е ставено на дневен ред на собраниска седница што ќе се одржи на 22 декември.