Џамбаски обвинува за „провокации“: „Бугарија не е земја од втор ред и не треба да дозволи Скопјe да ни се потсмева“

Џамбаски со нови напади: „Ако Македонија сака да биде во ЕУ - треба да почне да се однесува европски: да престане да ја мрази Бугарија и да ја почитува вистината“

од Nikola Popovski
58 прегледи

Контроверзниот бугарски политичар и поранешниот европратеник, Ангел Џамбаски повторно обвинува за „провокација“ од Македонија во однос на последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски кој побара од Бугарија да покаже вистинска европска зрелост, да ги почитува пресудите на Меѓународниот суд за човекови права и да го признае правото на Македонците во Бугарија да формираат свои здруженија

-Истите луѓе што палат бугарски клубови, ги прогонуваат нашите сонародници и ја фалсификуваат историјата повторно се прават себеси „жртви“ и бараат права за непостоечките „Македонци во Западна Бугарија“. Провокација, резултат на безрбетниот дух во Софија. Дрскост без граници. Додека во Софија политичките негодници на власт си играат со „Европејците“, во Скопјe продолжуваат со антибугарската пропаганда, а нашите владетели молчат и немоќно климаат со главата, како ништо да не се случува, објави Џамбаски.

Еден од лидерите на крајнодесничарската ВМРО-БНД го повтори својот долгогодишен став дека „во Бугарија нема македонско малцинство“, дека „Бугарија нема да прифати уцени и лаги облечени во јазикот на европската интеграција“ и дека „Бугарија не е земја од втор ред и не треба да дозволи Скопјe да ни се потсмева“.

Џамбаски бара цврст државен став од страна на властите во Софија.

-Ако С.Македонија сака да биде во ЕУ — прво треба да почне да се однесува европски: да престане да ја мрази Бугарија и да ја почитува вистината. Во спротивно – вето, посочува бугарскиот политичар кој не пропушта шанса да го искористи секој повод да ги каже своите ставови за македонското прашање.

Премиерот Мицкоски пред три дена рече дека мора да се испрати јасна политичка порака дека сме за Европската Унија, но без билатерални услови, но и за гаранции од Европскиот совет, за кој, како што кажа, доколку навистина сака да ја види земјава интегрирана во Унијата, мора да испрати заклучок уште на следниот совет во кој јасно ќе се дефинира дека ниту една земја членка нема проблем со посебниот македонски идентитет, јазик и повеќевековната култура и традиција, но и да кажат дека веќе нема да има вето или, пак, препреки поради билатерални прашања. Мицкоски ја повика и соседна Бугарија да покаже вистинска европска зрелост.