Контроверзниот бугарски политичар и поранешен европратеник, Ангел Џамбаски ја коментираше неодамнешната изјава на еврокомесарката за проширување, Марта Кос која изјави дека Македонија и Бугарија ќе постигнат заеднички договор во однос на уставните измени.
Џамбаски смета дека нема да дојде до договор.
-Нема причина да се постигне „договор“ меѓу Бугарија и Република Македонија. Бугарија веќе направи повеќе од доволно отстапки, и за исклучително важни прашања, како што е ставот за бугарскиот јазик. Република Македонија го потпиша таканаречениот „француски предлог“. Народното собрание на Република Македонија го усвои со гласање. Република Македонија мора да го спроведе овој предлог безусловно и без прашање – без затајувања и без да бара други „договори“ со Бугарија.
За што ќе се договориме? Ќе се договориме РСМ да го спроведе „францускиот предлог“, нели, објавил Џамбаски.
Политичарот од бугарската партија ВМРО-БНД смета дека ги „знае“ барањата на македонската Влада.
-Ќе ви кажам што сакаат. Ќе бараат Бугарија да го регистрира ОМО Илинден и со тоа де факто да го признае непостоечкото „македонско“ малцинство. Подготвен сум да се обложам дека тоа е она што им поминува низ главите, предупредил Џамбаски и побарал од Владата во Бугарија да не се согласува на други отстапки. Тој ја нарекува тамошната централна власт „безрбетна администрација“.
Никој не може да ѝ даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави пред неколку дена Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја.
Таа потенцира дека од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјава се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан.
– Во тој поглед, не треба да се грижите за Северна Македонија. Таа навистина е на добар пат, нагласила Кос.