Џефри Сакс предлага ЕУ да ги обнови односите со Русија

Европската Унија треба да се врати кон дипломатијата и да ги обнови односите со Русија, наместо да се впушта во скапо и, според него, неостварливо воено јакнење, изјави американскиот економист и професор на Универзитет Колумбија, Џефри Сакс, во интервју за српскиот дневен весник „Политика“.

од desk4
9 прегледи

Европската Унија треба да се врати кон дипломатијата и да ги обнови односите со Русија, наместо да се впушта во скапо и, според него, неостварливо воено јакнење, изјави американскиот економист и професор на Универзитет Колумбија, Џефри Сакс, во интервју за српскиот дневен весник „Политика“.

Сакс смета дека на Европа не ѝ е потребна воена ескалација, туку систем на колективна безбедност, сличен на оној во рамките на Организација за безбедност и соработка во Европа, во кој би учествувала и Русија, наместо безбедносната архитектура да се темели исклучиво на НАТО.

Според него, проширувањето на НАТО било спротивно на вистинската безбедност на Европа, особено обидите Алијансата да се прошири кон Украина и Грузија. Тие иницијативи, како што вели, биле погубни и силно поддржани од Соединетите Американски Држави.

Сакс нагласува дека Европа, вклучително и Балканот, треба да се врати кон нормални економски односи со Русија, бидејќи режимот на санкции на ЕУ се вратил како бумеранг. Тој укажува дека санкциите придонеле за сериозен пад на германската индустрија, со негативни последици низ целиот европски континент.

„Она што недостасува е дипломатијата. Европа сè уште е насочена кон воена политика“, оценува Сакс, додавајќи дека брзото завршување на војната во Украина, засновано на неутралноста на таа земја, треба да биде првиот чекор кон стабилизација.

Осврнувајќи се на глобалната улога на САД, Сакс смета дека Вашингтон мора да стави крај на, како што ја нарекува, „војната против меѓународното право“ и да престане со инструментализирање на светската трговија, технологијата и финансиските текови.

„Потребен ни е кооперативен глобален поредок, заснован на правото и утврден врз Повелбата на Обединетите нации“, заклучува Сакс.