Оставката следува по јавната расправа одржана на 20 јануари, на која Ахмед, иако магистер по меѓународно право, не успеала да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција, еден од клучните меѓународни документи за заштита на жените од насилство и спречување на дискриминација. На поставено прашање за темелите на Конвенцијата, таа одговорила во историски контекст, осврнувајќи се на Истанбул и периодот на Ататурк, наместо на правните механизми и обврските што произлегуваат од документот.
Дополнително, според законските критериуми, член на Комисијата мора да има најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои минимум пет години во сферата на еднаквост и недискриминација. Анализата на јавно достапното CV на Ахмед, како што посочуваат критичарите, не покажува работно искуство во оваа област.
Нејзината досегашна професионална кариера вклучува ангажмани во приватниот сектор, работа како универзитетски асистент и професор во средно училиште, со фокус на корпоративна безбедност, искуство кое, според дел од јавноста и експертите, не е директно поврзано со надлежностите на Комисијата за заштита од дискриминација.
Со повлекувањето на кандидатурата, постапката за избор на нов член на Комисијата ќе продолжи согласно законските процедури.