Огромното сјајно лого X е симнато од покривот на облакодер во Сан Франциско што го означуваше седиштето на компанијата „X“ на американскиот милијардер Елон Маск, порано позната како „Твитер“, откако соседите се пожалија дека е премногу светло.
Градското одделение за градежништво добило 24 поплаки во текот на викендот, откако во петокот на покривот на седиштето на компанијата во центарот на Сан Франциско беше поставено џиновско лого X, а соседите се пожалија на силната светлина.
Во понеделникот поради тие поплаки почна симнувањето на логото.
Одделот соопшти дека Маск ќе плати казна за незаконско инсталирање на „светлечка структура“.
Компанијата „Х“ соопшти дека отстранувањето било доброволно, објави „Ројтерс“.
Маск го купи „Твитер“ минатиот октомври за 44 милијарди долари, а минатата недела го смени името на платформата во X.