Судот во Калифорнија пресуди дека „Џонсон и Џонсон“ (J&J) мора да плати речиси 17 милиони долари (16,8 милиони евра) на пациент со рак кој тврди дека неговата болест е предизвикана од пудрата за бебиња на компанијата.
Емори Хернандез Валадез (24) ја обвини J&J дека користењето на нивниот производ уште од неговото детство довело до појава на малигнен мезотелиом во ткивото лоцирано во близина на срцето, пренесува CNN.
Поротата одлучи дека Валадез има право на компензација за медицинските сметки, како и за болката и страдањето, но дополнително не ја казни компанијата со седиште во Њу Џерси.
Адвокатот на J&J најави дека ќе поднесе жалба на оваа пресуда.
Валадез нема да може да ги добие овие пари во догледна иднина поради барањето стечај на J&J и замрзнувањето на нејзиниот имот.
Илјадници луѓе ја тужеа J&J, барајќи отштета врз основа на тврдењата дека производите на компанијата, вклучително и пудрата за бебиња, предизвикуваат рак, објави претходно Ројтерс.
Компанијата сака да си ги реши проблемите со прогласување банкрот и спогодба во вкупен износ од 8,13 милијарди евра, со што колективно би се исплатиле лицата кои поднеле тужби.