ДКСК бара кривично гонење на Јакимовски и советници од Карпош поради ДУП-от за бензинската на „Пуцко Петрол“

од Nikola Popovski

Државната комисија за спречување на корупцијата одлучи да ја запре постапката за ДУП Општина Карпош бидејќи утврдила состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и поткуп. Антикорупциската комисија ќе достави и иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на Деталниот урбанистички план за градска четврт, според којшто беше предвидено градење на бензинска пумпа на Пуцко Петрол во Општина Карпош.

Овој ДУП беше донесен од Советот на Општина Карпош и градоначалникот Стевчo Јакимовски.

По извршената анализа на фактите и доказите, ДКСК утврдила дека во конкретниот случај се работи за донесени два идентични ДУП-ови и дека тие не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Во времето на продажба на градежната парцела немало изградено гасовод и не е спроведена стратешка оценка за влијанието на животната средина. Исто така, Пуцко Петрол не успеал да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинската станица.

Антокорупционерите на денешната седница посочија дека до Министерство за локална самоуправа ќе достават претставка за понатамошно постапување и распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно Законот за локална самоуправа.

Антикорупционерите врз основа на анализата на кредитната историја на „Пуцко Петрол“ идентификувале сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација.

Уставниот суд во април годинава одлучи да ја укине одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05 на Општина Карпош. Како што велат од таму, утврдено е дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от, бидејќи се предвидува изградба на бензинска станица, која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.

Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе беше продадено на фирмата „Пуцко Петрол“. Со тоа се отвора патот, да биде бара побарана милионска отштета.

Уставниот суд со поведување на постапка на 11 јануари годинава оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото.

Слични содржини