ДКСК го усвои Извештајот за работата за 2022 година: Добиени се 563 пријави за корупција, 20 се по сопствена иницијатива, 509 донесени одлуки

од Vladimir Zorba
157 прегледи

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 84. седница одржана преку платформата „Зум“ ги усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за 2022 година и Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за 2022 година.

Членот на Комисијата Катица Николовска презентирајќи го Извештајот истакна дека ДКСК во 2022 година одржала 21 седница. Бројот на вработени е 48 лица од предвидените 64 вработувања. Реализирани се 12 вработувања од кои 10 нови и две лица од постојниот кадар се унапредени. Шест се административни службеници вработени со оглас преку трајно преземање,од кои на двајца им престанал работниот однос по нивно барање.

Според статистиката, во однос на Националната стратегија, од 162 предвидени активности, само 17 се извршени или 10 отсто, што, вели, говори за недоволната посветеност на институции за навремено спроведување на доделените активности.

Во однос на пријави од граѓани познати и анонимни, физички и правни лица, во 2022 година добиени се 563 пријави во делот на корупција, 20 се по сопствена иницијатива, 509 донесени одлуки. Од областа на судир на интереси имаат 118 примени пријави, 27 по сопствена иницијатива, 161 донесена одлука. Од областа на проверка на анкетните листови за податоците за имотната состојба, примени се 17 пријави, 80 по сопствена иницијатива, а донесени се 372 одлуки. Вкупно се примени 698 пријави, 127 по сопствена иницијатива и донесени се 1.056 одлуки, а најголем дел или 64 проценти за однесуваат за корупција, 16 отсто се од судир на интереси, 10 отсто за издадени мислења за состојба на судир на интереси.

До Основноното јавно обвинителство дадени се 12 пријави, рече Николовска и посочи дека е подобрена комуникацијата со Обвинителството по однос на иницијативите поднесени од Антикорупциска.

Таа меѓу другото, најави дека од април ќе биде ставено во функција и софтверско решение за електронско поднесување анкетни листови за имотната состојба на избрани и именувани лица.

Николовска информира и дека во 2022 година издадени се 4.423 прекршочни платни налози по основ на ненавремено поднесување анкетни листови при стапување на функција на избрани и именувани лица (2.836), по престанок на функцијата (1.306) и при промена на имотна состојба (281) при што собрани се 2.430.400 денари, односно 38.000 евра кои се слеале во Буџетот на државата.

Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска во делот на вработувањата истакна дека ги зголемиле човечките ресурси за 30 проценти, но дека има потреба од нови вработувања. Во план се пет нови вработувања и две унапредувања во втората половина од годината, за што пари ќе бидат обезбедени со ребалансот на Буџетот.

Членовите на Комисијата се задоволни од сработеното во 2022 година, кога ДКСК одбележа две децении од функционирањето. Извештајот утре треба да биде доставен до Собранието.

Антикорупционерите изразија надеж дека Собранието нема да го остави Извештајот да се разгледува наредната година, со оглед на тоа дека денеска пратениците го разгледуваат Извештајот на ДКСК за 2021 година.

По однос на Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за 2022 година, претседателката на ДКСК Ивановска, изрази жалење што се спроведени само 10 проценти од нивните препораки од страна на институциите, што претставува намалување во однос на 2021 кога тој процент изнесува 20 отсто.

Според неа, тоа е показател дека е потребна стручна државна администрација која ќе биде столб на државата. Ивановска при тоа посочи дека се уште не е донесен Законот за висока раководна структура, иако имало најава дека Предлог законот требало да се најде во Собранието уште минатиот или овој месец. Таа смета дека е потребно да се формира посебно одделение во рамки на ДКСК кое ќе ја следи реализацијата на активностите од Националната стратегија преку квартално прибирање на податоците.

Со цел подобра имплементација на активностите од Националната стратегија за спречување на корупцијата, беше најавено иницирање надзорна расправа во Собранието, а предложено е како мерка и јавно посочување на оние институции кои не ги исполнуваат активностите.

Антикорупциската комисија најави дека утре ќе ја продолжи 84-седница.

Слични содржини