ДКСК оформи предмет за проверка на имотот на Јанушев по пријава на Управата за финансиско разузнавање

од Nikola Popovski
350 прегледи

Антикорупицската комисија веќе оформила предмет за проверка на имотот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, информираат од институцијата за „Локално“. Наведуваат дека предметот е врз основа на доставена пријава од Управата за финансиско разузнавање.

-Ве известуваме дека од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е оформен предмет за проверка на имотот на Игор Јанушев, а врз основа на доставена пријава на надлежно постапување од Управата за финансиско разузнавање, која до Управата била поднесена од непознат подносител. Во пријавата се бара проверка на имотот на лицето Игор Јанушев, поранешен директор на ЈСП Скопје, за кој имот се наведува дека не го пријавил во анкетниот лист поднесен до ДКСК. Во рамки на наведениот предмет ќе биде извршена проверка и на имотот за кој што прашувате, велат од ДКСК за подарокот кој што Јанушев го добил во 2023 година во вид на градежно земјиште во општина Центар.

Оттаму појаснуваат дека постапувањето по предметот е во тек.

-Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на ВЕБ страницата на ДКСК, посочуваат од Антикорупциската комисија.

Јанушев пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.

Поранешниот пратеник и екс-директор на ЈСП, Скопје, Јанушев на крајот од минатата година купил возило „Lexus“ во вредност од 15.000 евра со датум на производство во 2013 година. Владиниот секретар пријавил и една трансакциска сметка и две кредитни картички.

Од опозицијата, пред се од СДСМ, бараа ДКСК и Обвинителството подетално да го истражат случајот. Исто така од премиерот Христијан Мицкоски да го разреши Јанушев и да нареди итна истрага на потеклото на неговиот имот.

Токму Јанушев беше првиот активен функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој ги почувствува придобивките од измените на Кривичниот законик под знамето на ЕУ. Тој беше осуден на условна казна за купувањето на кинеските автобуси за потребите на ЈСП Скопје. Бришењето на ставот 5 од членот 353 значеше дека ќе нема затворска казна од најмалку пет години за лицата кои ќе бидат осудени за злоупотреба на службената положба затоа што го сториле делото при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот. Поточно, за ваквите кривични дела си важат останатите ставови од членот 353 од Кривичниот законик.

Јанушев во предметот „Дизајн“ се гонеше како член на Комисијата за јавни набавки при Министерството за транспорт и врски, каде што беше вработен кога се правеше јавната набавка на двокатните автобуси од Кина. Со него беа обвинети уште две други членки на Комисијата, како и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Владата на 28-ми јуни го именува Јанушев е именуван за нов генерален секретар. Јанушев е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Тој претходно беше пратеник во Собранието, а покрај тоа беше директор на ЈСП „Скопје”, беше и раководител на Секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски.

Н.П.

Слични содржини