Согласно член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно со член 40 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, политичка партија или лице кое настапува во име на политичка партија не смее да врши влијание при вработување, распоредување и престанок на работен однос на службено лице, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во изјава за „Локално“ по наводите за партиски вработувања во М-НАВ и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.
Оттаму додаваат дека Законот за вработените во јавниот сектор предвидува дека институциите, согласно со начелото на еднакви услови и еднаков пристап за сите заинтересирани кандидати до работното место, имаат обврска слободните работни места и условите за нивно пополнување да ги огласуваат преку интерен, односно јавен оглас и дека вработувањето во јавниот сектор се врши преку објавување на јавен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција, се избира најстручниот и најкомпетентниот кандидат за работното место.
-Од наведеното, несомнено произлегува дека секој граѓанин кој ги исполнува предвидените услови може да конкурира за секое работно место за кое е објавен јавен конкурс. Но сепак, Државната комисија за спречување на корупцијата укажува дека во постапките за вработување во институциите од јавниот сектор раководните лица на институциите, неопходно е да внимаваат на евентуален судир на интереси и при изборот на кандидатите да се водат исклучиво од јавниот интерес, а не од лични, партиски и други побуди и задолжително да се води сметка да се избираат прворангираните, најквалитетните и најкомпетентните кандидати. Само на тој начин ќе се придонесе за изградба на професионална државна администрација и ќе промовира и унапреди личниот и институционалниот интегритет, стои во одговорот на Антикорупциската комисија.
Премиерот Мицкоски пред два дена рече дека не станува збор за партиски вработувања, но потоа го образложи својот одговор.
-Не можам да се согласам со вас дека се партиски вработувања. Дури и да е така, немаат право тие да се вработуваат или да бидат вработени само затоа што се мои роднини, пријатели, блиски…? Немаат право да живеат?, праша Мицкоски во дебатна емисија откако пред два дена беше објавено дека сопругата на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија, Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев се примени кандидати на огласот на М-НАВ.
Според премиерот, платите во М-НАВ не се највисоки во државата. Мицкоски во емисијата „Само интервју“ истакна дека има поголеми институции со многу поголеми примања.
Екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во изјава за „Локално“ посочи дека согласно Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и не е спорно кој се пријавил на огласот, но, проблемот се создава во заднинските намери. Според поранешната прва антикорупционерка, ова укажува на фактот дека не се почитуваат законските прописи и интерни контроли.
„Во Македонската навигација се вработуваа лица, чија единствена квалификација беше што се роднини на функционери на СДСМ и ДУИ“. Ова е реакција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ и ДУИ дека власта вработува лица во М-НАВ што се блиски до нејзините функционери. Од партијата на власт велат дека во времето на СДСМ во М-НАВ се вработувале партиски послушници, што потоа ги тепаа контролорите на летање.
-СДС ги вработи Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри, Антонио Кочовски, зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески, роднина на ескминистерот Горан Сугарески. Блиски роднини на СДС се избрани и за претседател на Управен одбор на М-НАВ, кога беше поставен Николче Тасески, зет на ексминистерката Тената Дескоска. Таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, а вработена е и братучетка на ексминистерката Јагода Шахпаска. Роднини на екс-министерот Љупчо Николовски беа именувани за членови на Комисијата за прием на работа во М-НАВ, рекоа од партијата на Христијан Мицкоски.
Н.П.