Дмитро Кулеба: „Периодот на мир во Европа е завршен“

Кулеба им порача на партнерите на Киев дека не смеат да дозволат да бидат водени од стравот, велејќи дека „стравот не ги решава проблемите, туку ги влошува“.

од Бети Божиноска

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави денеска дека „ако Европа сака да го врати мирот“, мора да го зголеми производството на оружје.

Тој во авторски текст за француски „Ле Монд“ напиша дека украинската армија не е во состојба да ја уништи руската артилерија и да ги заштити своите војници поради недостигот од артилериски гранати.

Кулеба им се заблагодари на сојузниците на Украина за одлуката донесена на конференцијата во Париз на 26 февруари за зголемување на набавката на муниција од трети земји, која ќе биде испратена во Киев, но нагласи дека „тоа не е доволно“ и дека „се потребни одлучни и системски одлуки“.

„Постојат некои едноставни и очигледни решенија што нашите партнери можат да ги преземат за да им помогнат на нашите борци. На Украина ѝ требаат повеќе артилериска муниција и ракети со долг дострел за да ги одбие руските напади и да ја ослободи својата територија. Потребен ѝ е системот за воздушна одбрана „патриот“ и други системи за противвоздушна одбрана со цел да ги заштити своите градови“, посочи шефот на украинската дипломатија.

Кулеба им порача на партнерите на Киев дека не смеат да дозволат да бидат водени од стравот, велејќи дека „стравот не ги решава проблемите, туку ги влошува“. Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за потенцијалното испраќање европски трупи во Украина, Кулеба изјави дека ако западните војници дојдат во Украина, „ќе се соочат со истиот акутен недостиг од муниција како и Украинците“.

Од друга страна, тој посочи дека бројните изјави за отфрлање на можноста за испраќање војници во Украина претставуваат „удар врз европската безбедност“.

„Путин чувствува дека војната влева страв кај Европејците. За жал, премногу луѓе во политиката и општеството не разбираат дека периодот на мир во Европа е завршен“, рече Кулеба.

Слични содржини