Дневникот на Пи

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Разбирливо е дека во ваков медиумски и информатички контекст, каде што средствата за информирање се побрзи од информациите, а содржината и квалитетот на истите, отровна, примателите создаваат ментална блокада и немаат капацитет да проголтаат толку отпад. Да не се прави посебна мистерија или да се придава ексклузивност од ваквата состојба.

C287E1F86C27894C99783D00A442BDDB

Медиумите не можат поинаку да функционираат, тие се креирани и се хранат од парите на политичката или бизнист елита, и не само тука, туку во целиот свет. Оние кои привидно тоа не го прават, туку филтрираат поквалитетни ,содржини, наменети за помала група индоктринирани но повеќе писмени граѓани, исто така се во функција на центрите на моќ. За голема среќа еден мал дел можат да селектираат и имаат среќа да прочитаат, слушнат нешто без да се плашат дека се манипулирани. Нејсе, со доказите и стратегиите на пропагандата и масмедиумите се занимава огромна научна машинерија, чија крајна цел веројатно не е хумана ниту пак цивилизирана.

Но, да се вратиме кај нас. Во Македонија сме, некако пред две децении. Широко се отвораат вратите на независните печатени и електронски медиуми. Може да се гледаат филмови кои си ги гледал само на видео. Не си осуден на милоста на филмскиот уредник на популарната МТВ. Почнува информативна продукција, потоа некоја забавна каде што може, смее и треба по малку да се исмејува политичкиот лански снег, за да може привидно да се достигнат демократските медиумски стандарди. И се изгоре во желбата да се биде поинков од другиот. Оп, и еве ја Касандра, иако се смеевме , лавината почна да се тркала. Бликна примитивизмот без некоја особена најава. Продукција на шпански серии, продре на македонските ТВ-екрани. Некои нови генерации на малолетни, па и многулетната популација почна да се соживува со бесмислените животи на шпанскиве креатури. Празни дијалози, шунд-егзотика, животи без никаква крајна цел, популарно наречено денес за утре. А и ова беше малку, и ете запенетрираа Турците. Колку да ги разбудат генетите на покорност, што веројатно сите ги носиме по петвековното ропство. И откако виугите ќе се сомелат со пропагандна информативна програма во режија на работодавците, еве ги јуриш Шехерезад, Бурни времиња, Сила, Дневникот на Фериха, Лисјата паѓаат, Малиот ага, Има ли надеж и така во недоглед.

Целото дејствие се случува во параноична домашна атмосфера, застрашувачки надворешен свет, криминални одмазди. Комуникација со изопачени меѓучовечки односи, најмногу од се неартикулирани крици, вреѓање, колнење, кукање. Жените и децата, заложници на некој мачо- сопруг кој единствено носи пари во куќата па може да прави што сака со семејството. Потоа, простување, и крај нема на простотилукот. Сето ова синхронизиран, демек да се сочува и негува македонскиот јазик. Всушност, оваа бесцелност и бесмисленост полесно да ги допре и испере и онака кревките мозочни неврони. И ако ова е јазикот што треба да се сочува веднаш да почнеме со синхронизација на кинески или хебрејски повеќе ќе ни се испплатува во иднина. Да си наивен па да помислиш дека во ова нема трошка од синопсисот за дотолчување на тенката свесност и критичка мисла. Велам, синопсисот зошто верувам дека обемно сценарио од „гебелсовиот“ кабинбет на владеачката партија, прво нема капацитет да се напише, и второ нема потреба. Така, што сега малку е доцна, да се чудиме, како длабоко потресни општествени настани, економски колапс, мадарфакинг на се што е нормално, се прифаќа со таква рамнодушност и апатија. Успеа повеќегодишната лабараториска комбинација на крајно неквалитетните телевизии и останати гласила. А не ги ни спомнав риалити шоуата, емисииите за здрава храна, спотчињата и слични глупости од типот на вашите пет минути.

А нашите пет минути, одамна ги пропуштивме. Често се прашував што ќе се случеше ако граѓанството и неговите зеници беа бомбардирани со нормална програма. Дали пи е доволно константен да ја пресмета нашата огорчена орбита, или со филмови како на пример, ремек делото на Анг Ли, (Животот на Пи) кое може да разбуди емпатија и кај мртовец, ќе успеевме да ја мрднеме свеста барем еден мост подалеку?

Ана Василевска