Дојави за бомби во училишта во Кавадарци, евакуирана и градинка

од Nikola Popovski
137 прегледи

Утрово пристигнале нови закани за бомби во училишта, но за разлика од претходно, за првпат се во Кавадарци. Вкупно пет училишта добиле заканувачки мејлови.

-Денеска околу седум часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира за МИА портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев.

-Денес по пријава за поставена бомба во неколку основни и средни училишта, евакуирани се учениците и тоа од: О.О.У ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, ,,Димката Ангелов Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, ,,Страшо Пинџур’’ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, С.О.У Гимназија ,,Добри Даскалов’’ Кавадарци и С.О.У ,,Ќиро Спанџов Брко’’. Освен училиштата, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Се замолуваат родителите дека нема потреба од паника, а учениците ќе бидат вратени на настава, откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека истите се безбедни, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во претходниот период дојави за бомби имаше во училишни установи во Скопје и Крива Паланка. После спроведените проверки на МВР, сите закани беа утврдени како лажни.

Слични содржини