Дојавите за бомби не се игра на тинејџери, тврди Османи

од Nikola Popovski
208 прегледи

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи оценува дека државата е стабилна и нема ризик од некаква дестабилизација, но мора да бидеме внимателни со хибридните напади, како што ги нарече лажните дојави за бомби.

Османи, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имајќи предвид дека и во друга членка на НАТО има дојави за бомби, дека ова можеби не е некоја игра на тинејџери и поради тоа е побарана помош од НАТО.

Тој појасни дека НАТО дава поддршка за дијагностицирање на проблемот.

-Ние бевме во комуникација со МВР во смисла како да пристапиме во однос на барање на поддршка и ние на МВР им кажавме дека НАТО не е адресата за конкретно ова прашање, затоа што ова бара полициска истрага со цел да се најдат сторителите. НАТО нема такви механизми, рече министерот на редовниот брифинг со новинарите.

Анонимните пораки за поставени бомби во Македонија најпрво почнаа да пристигнуваат на 26-ти октомври до основните и средните училишта, а во последните денови и до трговските и деловните центри, државните институции, спортските објекти и гимназиите.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека е „речиси апсолутно невозможно“ да се најдат луѓето кои испраќаат анонимни закани за бомби.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информира дека во МВР веќе е формиран посебен штаб и очекува да се свика и Советот за координација на кој што ќе се разговара за националната безбедност.

-Мора да се вклучат и Агeнцијата за национална безбедност и другите институции кои се значајни во овој дел. Бидејќи ако дојавите се најава за тероризам, тогаш сите треба да се вклучиме во ова за да дојдеме до стабилизирање на состојбата, рече Спасовски.

Слични содржини