До 3. ноември треба да заврши сослушувањето на сведоци во Анкетната комисија за Онкологија

од Nikola Popovski
242 прегледи

Анкетната комисија што ја формираше Собранието за утврдување  одговорност за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска ќе продолжи со работа со сослушување сведоци и експерти, како и разгледување акти и документи.

Претседателката на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Рашела Мизрахи минатата недела изјави оти очекува до 3 ноември  да заврши сослушувањето на сведоците, по што во период од 30 дена, треба да се разгледа целата документација и заклучоците да се достават до Собранието.

Досега пред Анкетната комисија зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик-министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици-министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување.

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев смета дека формирањето собраниска Анкетна комисија за случајот Онкологија во време кога има активна истрага е недозволиво нешто. Тоа е нормално доколку истрагата е затворена, меѓутоа во време на активна истрага тоа е опструкција.

Според Џолев, се контаминира истражниот процес, а нема никаква реакција за тоа.

Одлука за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.

Слични содржини