До кога ќе молчат Црвенковски и некогашната елита на социјалдемократите за борбата на Заев

од Vladimir Zorba
110 прегледи

ЗАЕВ БРЕНД НА СЛОБОДАТА – ИЛИ ВЕЛЕПРЕДАВНИК?

ЕРОЛДодека интелектуалната елита на власта за спас на Македонија собира потписи по митинзи да се прогласи Зоран Заев за велепредавник и да заврши во затвор деновиве често се прашувам што прави во ова време на невреме некогаш сдсмовската елита и лично поранешниот лидер Бранко Црвенковски. На јавната сцена, од она што можам да видам, не прават ништо или подобро кажано прават лошо со тоа што срамно молчат. Не знам дали ги нападнала некрофилија, па чекаат ловците на вештерки да им ја завршат работата или молкум демонстрираат колку им значи нивната идеологија на набедени социјалдемократи.

Се прашувам дали нивната идеолошка припадност е секогаш рамносилна според добиените и изгубени привилегии. Не можам да верувам дека деновиве се чувствуваат пријатно кога телевизиите на власта ја прикажуваат нивната воздржаност како силен аргумент за велепредавството на лидерот на опозицијата Заев. Ете, го доживеавме и тоа, најголемите апологети на власта да ги фалат поименично до вчера најекспонираните социјалдемократи во земјата. Нивниот молк е силен адут против бомбите на Заев и за негово сатанизирање, апсење и пресуда. Кога го слушнав ова си ја покрив главата со ќебе, ме изеде нивниот срам.

Додека за се’ поголем број граѓани, без оглед на нивната партиска и национална припадност, Зоран Заев станува синоним на слободата и демократијата, бренд на вистината и храбар политичар во битка против режимот, криминалот, корупцијата и страшните злоупотреби на власта, легендите од неговата партија одбраа да гледаат сеир. Не станува збор за страв, бидејќи овие луѓе покажале дека се храбри, но очигледно нивната лутина и воздржаност доаѓа поради тоа што партиските смени ги доживуваат поболно отколку она што како граѓани на Македонија го слушаат на конференциите за печат и од бомбите на „селанчето од Струмица“, Зоран Заев.

Просто е несфатливо како Бранко Црвенковски, Јани Макрадули, Игор Ивановски, Весна Бендевска, Андреј Петров, Горан Минчев… додека во Македонија врие како да пропаднале во земја. Нигде ги нема. Човек да види, да не верува. Си велам, да не заминале во илегала или во партизани, па подготвуваат герилска војна. Кога, еве го Андреј Петров на емисија на Телма, зборува и си гледа во скутот, резултатот е поарно да не отидеше и да продолжеше со молчење. Вака само најави дека чекаат да снесат кукавички јајца во туѓо гнездо.

Молкот во некогаш најсилните ешалони на СДСМ ме потсети на две стории многу поучни. Едната од почетокот на осамостојувањето на Република Македонија, а другата што се случи деновиве во белиот свет.

Кога почна да станува видливо распаѓањето на Југославија и да се шират идеите за осамостојување, некои македонски кадри, функционери во федерацијата кои живееја и работеа во Белград, се вратија во Скопје без да ги повика никој и им се приклучија на идеите и активностите на Петер Гошев и Љупчо Георгиевски. Тие што останаа во Белград молчеа до осамостојувањето на Македонија. Кога независната држава стана реалност, некои од нив се јавија навредени дека никој не ги повикал да дојдат, односно дека некој намерно ги игнорирал и не им понудил ниту една функција што е прилична на нивната висока позиција, памет и искуство. Се’ некако ми се чини дека примадоните на СДСМ чекаат некој да ги повика, да им се извини што ете не биле кандидирани на последните избори, да им вети функции и привилегии кои одговараат на нивното его. Како што осамостојувањето на Македонија не беше партиска работа, така и ова што денес се случува не е партиска работа, не е војна за позиции и функции, туку движење за демократија, слобода, за дознавање на вистината како режимот победувал на сите избори, за тешкиот криминал и корупција која ја изеде државата. Бегањето од овие свети должности на секој граѓанин е тежок престап пред себеси и пред идните генерации. Она што денес и’ се случува на Македонија и на нејзините граѓани никого не амнестира да остане настрана, да си ја гледа работата и да молчи. Ова се историски значајни настани кои ја одредуваат иднината и на државата и на идните генерации. Не може некој невин и понижен да лежи во затвор или да го изгуби сиот имот поради одмазда на владетелот и неговата дружина, а некој да молчи и да гледа сеир. Всушност, предавство е да се молчи кога носителите на слободата и демократијата се обвинуваат за велепредавство и гнијат по казамати. Молчењето, во тој случај, е ставање на страна на режимот. Ништо друго.

Зошто вакви оценки можат да се изречат со мирна совест пред да се изјасни судот. Затоа што во вакви случаи власта нема право на презсумпција на невиност што ја имаат сите обични граѓани, а која често им е одземена грубо и противзаконито. Власта требаше овие два месеца да ја прифати презумпцијата на виновност и да ги пружи доказите дека не сака да арбитрира и да биде полицаец, обвинител, порота и судија во скандалот „Пуч“ кој лажно е прикажан како обид за преврат, државен удар и уцена. Доколку власта длабоко замешана во скандалот сакаше правна и праведна разврска, мораше да го ослободи судот од своите стеги. Тоа во светот се постигнува со оставки кога се отвора простор за самостојност и независност на судот и судиите. Бидејќи тоа не се случи, граѓанска обврска е да застане во бригадите за слобода и демократија.

Втората поучна приказна се случи деновиве во Велика Британија. Тони Блер поранешен премиер и лидер на лабуристите, кој од поодамна е повлечен од домашната политика по јавно изречените сомнежи дека не му дава целосна поддршка пред парламентарните избори во мај на сегашниот лидер на лабуристисте Ед Милибанд, се огласи со поддршка за него.

Еве што им рече Блер на новинарите: „Да биде јасно, јас го подржувам Ед 100 проценти да ја води нашата партија кон победа на следните избори“. Медиумите јавија дека политичарот што три пати победи на избори ги отфрли прашањата околу тоа дали ја дели истата платформа со Милибанд. Се согласувам со него, вели Блер, „особено околу она како што тој вели – дека нееднаковоста е главен предизвик за нашата земја. Секогаш имаше поделби во Лабуристичката партија, но она што сите го споделуваме е вербата во социјална правда која треба да ја добијат тие што сега ја немаат“. Ете така ја прати пораката до британска јавност Тони Блер, на која и’ е совршено јасна разликата меѓу минливоста на политичките лидери и влади и вечноста на Лабуристичката партија.

Се разбира, ниту Македонија е Британија, ниту Црвенковски е Блер, ама овде во нашиот двор приказната е многу подраматична. Нашата најголема мака не е само социјалната нееднаковост и неправда, иако сиромаштијата во која западнавме има апокалиптични димензии, туку најголемата болка е во причините кои се кријат во разурнатиот парламентаризам, во одземената слобода и демократијата, во украдените избори и пари на граѓаните на Република Македонија.

И кај социјалдемократите и кај вмровците, самонаречени демохристијани и во сите големи партии имало делби и кавги, но кога државата тоне во голема политичка криза и кога се’ повеќе на повидок е опасноста од нејзиниот опстанок, молкот на Црвенковски и на неговите некогаш најблиски соработници во партијата и во Владата не се разликува многу од потерата на власта по велепредавници. Да не размислуваат уште која страна да ја фатат?

……………………………………….

Автор Ерол Ризаов , објавено  во Утрински Весник