Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека до крајот на март треба да пристигнат вакцините од „Фајзер“ и „Астра Зенека“.
До крајот на март ќе стигнат 20 000 вакцини како резултат на директниот договор со „Фајзер“ и меѓу 20-25 000 вакцини „Астра Зенека“ преку Ковакс, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во меѓувреме, тече вакцинацијата во поликлиниките „Букурешт“ и „Јане Сандански“ со вакцините „Фајзер“ и со „Спутник В“.
Вакцинацијата оди добро и се спроведува во пунктот во Здравствениот дом – Скопје и во таа смисла сметам дека сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите ќе бидат вакцинирани целосно во следните десетина денови.Една од опциите беше да започнеме со вакцинација на постарите лица. Меѓутоа тоа што се случи во меѓувреме беше зголемување на бројот на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација и ангажирање на дополнителен кадар од медицински сестри и лекари од други одделенија кои треба да работат со овие пациенти. Од 4.000 се зголеми бројот на здравствени работници кои сега ќе работат со ковид-пациенти и затоа донесовме одлука тие да бидат во првата приоритетна група, изјави министерот Филипче.