До крајот на неделава ќе бидат познати експертите во работната група за уставни измени

од Nikola Popovski
195 прегледи

Во наредните неколку денови треба да бидат објавени имињата на експертите кои ќе бидат дел од работната група за уставни измени, откако минатата недела беа објавени имињата на претставниците на политичките партии и институции кои ќе бидат дел од ова тело. Претходно Министерството за правда испрати дописи до Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, парламентарните политички партии, како и експерти кои имаат познавања на уставната материја. Рокот за номинирање на претставник беше најдоцна до 10.04.2023 година.

Досега се потврдени имињата на повеќе преставници во работната група како Цветанка Иванова-СДСМ, Арбр Адеми-ДУИ, Ремзи Мехмеди-Алијанса на Албанците, Соња Мираковска-НСДП, Нано Ружин-ЛДП, Христа Најданов-ДОМ, Темелко Ристески-Партија на пензионери, Раметула Куќи-ДПА, Еран Куртиш-Партија за движење на Турците, Бејџан Илјас-Демократска партија на Турците. Пристигнати предлози од институции: Александар Спасов-Кабинет на претседател на Република Северна Македонија, Драган Тилев-Секретаријат за европски прашања, Шпенд Садики-Министерство за надворешни работи.

Работната група се очекува да се состане при што ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.

Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.

Слични содржини