Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски смета дека е потребна експертска и политичка вклученост во спроведувањето на уставните измени.
-Овие измени се потребни за државата да го продолжи својот европски пат за полноправно членство во ЕУ. Не постои простор за декларативна поддршка на ЕУ, како што некои мисли дека треба да ја има. Кочење на таков процес ќе значи дека државата за првпат самата ќе се закочи на патот кон ЕУ, рече Ковачевски.
Тој информира дека во моментов не е планирана нова лидерска средба, но не исклучи таква можност на која што повторно ќе поразговараат за најважните процеси во земјата.
-Јас не сметам дека шест месеци е кус период. До ноември има 10 месеци и за тој период може да се направат многу позитивни работи. Секој треба да биде одговорен и да биде на ниво на задачата и обврската што ја има кон граѓаните. Дојден сум на позиција за да ги спроведувам стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година. Јас и мојата партија се водиме од стратегиите и целите на државата за полноправно членство во ЕУ, кажа Ковачевски како одговор на новинарско прашање.