До вчера Перез го бркаше од Реал, а сега го прегрна во соблекувалната: „Не би те продал ниту за 100 милиони“

од Vladimir Zorba
1,7K прегледи

И покрај губењето на Суперкупот, Кралскиот куп и Лигата на шампионите, „Кралскиот клуб“ не се откажува и сака да го проба невозможното барем во Ла Лига. Настапите на поединечните играчи се охрабрувачки, а едно ново име особено блеска – Арда Ѓулер.

19-годишниот турски играч постигна гол и имаше асистенција на натпреварот против Селта, а неговиот настап ги импресионираше тренерот Карло Анчелоти и претседателот Флорентино Перез. Освен што играше брилијантно, Ѓулер го одигра и својот 50-ти настап за Реал Мадрид, што значи дека неговиот поранешен клуб Фенербахче ќе инкасира дополнителни четири милиони евра од бонуси.

Ѓулер пристигна во Реал од Фенербахче во јули 2023 година, за откупна клаузула од 20 милиони евра, а неговиот договор со „Кралскиот клуб“ го врзува до летото 2029 година. Иако првично беше користен како џокер од клупата, неодамна го покажа целиот свој потенцијал, а неговиот физички профил значително се промени, што го забележа и Анчелоти:

„Трансферот на Ѓулер беше логичен чекор за млад играч кој сака да игра за Реал. Тој покажа квалитет, работеше напорно и не ја изгуби самодовербата. Оној од септември и оној денес – тие се двајца различни играчи. Тој е физички посилен, а квалитетот остана“, рече италијанскиот стручњак.

Натпреварот емотивно го доживеа и претседателот Флорентино Перез, кој по последниот свиреж на судијата се симнал во соблекувалната и топло го прегрнал младиот Турчин. Според шпанските медиуми, Перез во таа прилика му рекол: „Не би те продал ниту за 100 милиони евра“.

Овие зборови многу му значат на Ѓулер, кој размислуваше да оди на позајмица во текот на зимата поради незадоволство од времето за играње. Но, одличните настапи во клучните натпревари променија сè – Ѓулер стана миленик на навивачите, а сега и клучна фигура во иднината на Реал Мадрид.

Слични содржини