ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе следува одговорност за сите упади во правниот и судскиот систем. Ваква е реакцијата на партијата откако министерот за правда во заминување, Кренар Лога испратил писма до меѓународната заедница, со најава дека се подготвува „упад“ во правосудниот систем.
„Почитувани, оценката за правото во Македонија со Лога, со СДС и со ДУИ е добро позната и во Македонија и во меѓународната заедница. Кренар Лога, заедно со СДС и ДУИ, е во опозиција. Доаѓа време за одговорност, за сите упади во закони во правниот и судскиот систем“, одговорил портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во писмото, објавено од Министерството за правда, Лога изразува загриженост за „упад“, кој се подготвува од парламентарното мнозинство во правосудниот систем. Во писмото до амбасадорите, Лога вели дека за него и за Министерството за правда распуштањето на овие тела е неприфатливо за независноста и непристрасноста на институциите, за што е добиен извештај од Оценската мисија во кој е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството.
„Иако како министер за правда минатата година кога се случија настаните во Судскиот совет, јавно излегов со став за престанок на мандатот на членовите за кој не добив поддршка од коалиционите партнери ниту од опозициските партии, а исто така и по одржани консултации со Ваши претставници, ми беше сугерирано дека Оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите, за што добивме и Извештај. Препораките од Извештајот со особено внимание беа разгледани од највисоките претставници на правосудната, академската и стручната фела, како и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни. Дотолку повеќе, што овие препораки се дел од најзначајните документи, како што се: Стратегијата за развој на правосудниот сектор, Патоказот за владеење на правото, како и Планот за раст. Дополнително, беше формирана работна група за законски реформи на Судскиот совет каде во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор“, додава Лога во писмото.