Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека од 1-ви јануари ќе се намали цената на струјата за поголемиот дел од домаќинствата, за да не го почувствуваат зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ).
„За да не го почувствуваат граѓаните ефектот од зголемувањето на ДДВ-то, ги спуштивме цените во првиот и вториот блок, каде што се најголем дел од домаќинствата. Струјата за домаќинствата во првиот блок од 1-ви јануари ќе се намали за 4,11 отсто, а за вториот блок за 2,95 отсто, додека поскапувањето на потрошувачката во третиот блок ќе се зголеми за 0,85 отсто, а во четвртиот за 7,65 отсто“, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на прес-конференција.
Како што истакна, 99,2 отсто од домаќинствата во Северна Македонија ќе имаат намалени цени за струја и мрежни давачки и со тоа ќе им се надомести за петте отсто зголемување на ДДВ од почетокот на следната година.
„Податоците на РКЕ покажуваат дека потрошувачката е 99,2 отсто од 600.000 домаќинства во првиот, вториот и третиот блок, од кои меѓу 55 и 60 отсто е целосно во првиот блок, 21 до 22 отсто во вториот, а останатите во третиот блок. За домаќинствата кои ќе бидат во првите три блока, зголемувањето на ДДВ речиси и ќе нема ефект“, рече Бислимоски.
Доколку продолжат да штедат, посочи, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за струја. „Со овие наши одлуки, цената на преносот на електрична енергија е намалена за 8,66 отсто, а на дистрибуцијата за 19,54 отсто“, рече Бислимоски.
Ова, посочи, е дополнителна помош за компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, бидејќи нивните трошоци за мрежните такси се намалени за речиси 20 проценти.
Според неговите зборови, вкупната цена на струјата за малите потрошувачи, каде што се пресметуваат и надоместоците за енергија и мрежа, од 1 јануари ќе се намали за 20,15 отсто.
„Оваа цена ќе се применува за 70.000 фирми кои во претходниот период се соочија со зголемени трошоци за струја. Тоа се мали и микро компании, мали продавници, фризерски салони, мали кафулиња, фирми на кои им е потребна оваа помош“, рече претседателот на РКЕ.
Регулаторната комисија за енергетика на 1-ви јули воведе четири блок тарифи со цел да испрати сигнал за рационално користење на електричната енергија.
Првиот блок е за потрошувачка до 210 киловатчасови, вториот е од 211 до 630, третиот е во опсег од 631 до 1.050, а четвртиот е над 1.050 киловат часови. Најмногу граѓани се во првите два блокови.