Добри вести од Фиренца: Бове не е во животна опасност

од Vladimir Zorba
6 прегледи

Фудбалерот на Фиорентина, Едоардо Бове не е во животна опасност, според последните информации кои доаѓаат од Италија.

Играчот од средниот ред на „виола“ колабираше на теренот во неделата вечерта, а натпреварот помеѓу Фиорентина и Интер во 14. коло во Серија А не беше продолжен.

Како што јави „Газета дело спорт“, која добила информација од болница во Фиренца, се поминало без сериозни последици и животот на Бове не е во опасност.

Младиот фудбалер (22) бил донесен во свесна состојба и првите прегледи покажале дека неговиот живот не е во опасност.

Тој се уште е на интензивна нега, а клубот за ова ја информираше јавноста во неделата вечерта.

„Фиорентина и Универзитетската болница Кареги изјавуваат дека фудбалерот Едоардо Бове, кој беше лекуван на теренот по губењето свест на натпреварот помеѓу Фиорентина и Интер, моментално е под седација и е хоспитализиран на интензивна нега. Фудбалерот на Фиорентина пристигна на Ургентниот центар во стабилна хемодинамска состојба, а со првите кардиолошки и невролошки тестови е отфрлено акутно оштетување на централниот нервен систем и кардио-респираторниот систем“, се вели во соопштението на клубот од Фиренца.

Играчот од средниот ред на „Виола“ колабирал во 17. минута, останал неподвижен, а потоа дотрчале да му помогнат играчите, лекарите и членовите на стручниот штаб.

Непријатната и грозоморна сцена од Фиренца не остави никого рамнодушен, играчите и судиите беа во солзи, а двата тима отидоа во соблекувалната, откако Бове беше пренесен во болница.

Неговата мајка по немилата сцена се онесвестила на трибините, а подоцна во друштво на градоначалникот отишла во болницата на нејзиниот син.

Бове е производ на фудбалската академија на Рома, а во Фиренца пристигна минатото лето на позајмица.

Слични содржини