Напаѓачот на Челси, Николас Џексон, кој не играше од почетокот на февруари поради повреда, ги продолжи тренинзите.
Ова е многу добра вест за менаџерот на тимот, Енцо Мареска, со оглед дека до крајот на сезоната лондончани ќе бидат во сериозна битка за место во Лигата на шампионите.
Првиот во низата важни натпревари е дербито против Тотенхем на 3 април. Џексон е вториот најдобар стрелец на Челси оваа сезона, со девет гола на 23 натпревари досега. Повеќе има само Кол Палмер кој има 14 гола.
Самиот Палмер, исто така, се опоравува од повредата на мускулот поради која не учествуваше во натпреварите на репрезентацијата на Англија. Надежта на Мареска е дека и тој ќе биде спремен за лондонското дерби.
Челси има четири победи и три порази од последните седум натпревари одиграни без Џексон.
„Сините“ од Лондон моментално се на четвртото место, со еден бод повеќе од Манчестер Сити и два пред Њукасл и Брајтон.