Додатоците на витамин Д и не се толку корисни како што мислевме

од Stefanija Kuzmanovska
310 прегледи

Додатоците на витамин Д не помагаат во спречување на болести кај повеќето луѓе, покажува новото истражување објавено во British Medical Journal.

Во текот на мрачните зимски месеци со кратки денови и облачно небо, многу луѓе ги бараат придобивките од сончевата светлина во „шише“ и посегнуваат по додатоци на витамин Д.

Овој витамин природно се произведува преку кожата кога сме изложени на сончева светлина и е потребен за одржување на здрави коски, заби и мускули и ја спречува нивната кршливост и ризикот од фрактури.

Но, прегледот на доказите од клиничките испитувања за ефектите од додатоците покажа дека обидот да се добие витамин Д преку суплементи не е толку корисен.

„Заклучуваме дека сегашните докази не ја поддржуваат употребата на додатоци на витамин Д за превенција од болести“, рече Марк Боланд, вонреден професор по медицина на Универзитетот во Окланд, Нов Зеланд.

Боланд го водеше истражувањето со Алисон Авенел, шеф на истражувањето за здравствени науки на Универзитетот во Абердин.

Според тоа истражување, клиничките испитувања не успеале да покажат дека суплементацијата го намалува ризикот од падови и фрактури на коските и мускулите. Но, тие признаваат дека тоа може да им користи на луѓето кои се изложени на висок ризик, како што се оние во домовите за стари лица и луѓето со потемна кожа кои живеат во постудени клими.

За оние луѓе кои се изложени на ризик, овие научници препорачуваат додатоци во текот на есента и зимата, но исто така предлагаат да добијат совети за тоа како најдобро да се добие витамин Д по природен пат.

„Витаминот Д ќе ги заштити луѓето кои се изложени на висок ризик“, рече Авенел.

Придобивките и штетите на витаминот Д долго се дебатираат, но со ова истражување кое ги доведува во прашање неговите придобивки – освен кај оние со висок ризик – многу експерти стравуваат од последиците ако луѓето престанат да го земаат, пишува Си-Ен-Ен.

„Неуспехот да се реши статусот со низок витамин Д за време на детството, адолесценцијата, за жените во репродуктивна возраст и кај постарите лица може да има сериозни долгорочни импликации за јавното здравје“, рече Дејвид Ричардсон, професор по бионаука за храна на Универзитетот во Рединг.

Слични содржини