Додаток на плата за работа во недела за дејности каде не смее да прекине работниот процес

од Берта Китинска
782 прегледи

Недела ден за неделен одмор се однесува за 92 отсто од работниците, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) по повод стапувањето на сила на новите законски одредби.

Осум отсто од работниците кои ќе работат во недела односно работниците во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, нагласуваат од ССМ, ќе треба да земаат додаток на плата за работа во недела од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа – доколку со Закон или колективен договор не е утврден повисок износ. Исто така, ќе треба да користат слободен ден во наредните седум дена.

„Законските измени значат и подобра контрола на работното време и прекувремената работа, односно работникот кој нема да работи во недела ќе знае дека може да работи околу 4,5 месеци прекувремена работа неделно по 8 часа, останатите 7,5 месеци мора да работи 40 часа неделно петдневна работна недела, па така и сабота е неработен ден, а покрај додатокот на плата за прекувремени часови +35 отсто, ќе добие и бонус плата за прекувремена работа над 150 часа“, велат од ССМ.

Од ССМ потенцираат и дека работниците на кои ќе им биде прекршено ова право, можат да пријават преку новата мобилна апликација „ССМ – мои работнички права“, како и до Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

„Со законските измени ДИТ многу поефикасно ќе спроведува контрола во дејностите кои се во исклучоците, поради малиот број на дејности кои ќе работат во недела, а контрола може да врши и секој граѓанин и работник, а потоа да пријави неправилности до ССМ и ДИТ. Напоменуваме дека работодавецот е должен пред започнувањето на работата, да го извести Државниот инспекторат за труд, а му укажуваме на работодавецот кој ќе работи, а не е во исклучоците дека ќе му се забрани вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 15 дена. Ако го повтори прекршокот во траење од 30 дена, ќе му се издаде и прекршочен платен налог (парична казна)“, нагласуваат од ССМ.

Оттаму објавуваат и графика за тоа што треба да се знае за недела ден за неделен одмор.

Слични содржини