Почетна / Актуелно / Доделени сертификати за инсталирање системи за користење енергија од обновливи извори во градби

Доделени сертификати за инсталирање системи за користење енергија од обновливи извори во градби

Во Стопанската комора на Македонија денеска беа доделени сертификати за проектирање и инсталирање системи за користење енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) во градби.

Како што соопшти Комората, целта на обуките што се одвиваа во јуни и јули годинава беше континуирано подобрување на вештините на градежните работници (инсталатери) и инженери (проектанти) за градење енергетски ефикасни објекти.

-Главна цел на Проектот е подобрување на вештините на градежните професионалци – архитекти, инженери и градежни работници за градење енергетски ефикасни објекти. Потребата од обучен и сертифициран кадар во областа на примена на енергија од ОИЕ е неминовна и според одредбите на ревидираната Директива за обновливи извори на енергија 2018/2001 / ЕУ. Земјите-членки треба да обезбедат шеми за сертификација или еквивалентни шеми за квалификација достапни за инсталатери на котли и печки за биомаса, сончеви фотоволтаични и топлински системи, плитки геотермални системи и топлински пумпи, истакна Јадранка Аризанковска, виш советник при Стопанската комора и координатор на Проектот.

Секоја земја-членка на ЕУ ќе го признае сертификатот доделен од други земји-членки во согласност со критериумите и гарантираат дека шемите за сертификација или еквивалентните шеми за квалификација за инсталатери ќе бидат достапни за јавноста.

– Земјите-членки, исто така, треба јавно да го објават списокот на инсталатери кои се квалификувани или овластени во согласност со претходниот став, рече претседателот на Здружението на енергетиката при Стопанската комора на Македонија, Ристо Јаневски.

Професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ нагласи дека десетдневните обуки се одвиваа во лабораторија опремена од страна на Проектот на макети на фототермал и фотоволтаични системи, и практично со посета на фотоволтаична централа поставена од „Окта“ во Свети Николе. На тренинзите се користеше лиценциран софтвер каде што учесниците имаа ретка можност да се запознаат со основите на дизајнирање и преку нив изведоа конкретни проектни задачи.

Обуките беа организирани во два одделни модула на две квалификациски нивоа: Проектирање и инсталирање сончеви термални колекторски системи, за работници (инсталатери) и инженери (дизајнери) и Проектирање и инсталирање фотоволтаични системи за работници (инсталатери) и инженери (дизајнери). Од вкупно 129 пријавени учесници, 115 ги посетија обуките, а од нив завршниот испит успешно го положија 72 учесници, од кои 49 инженери и 23 техничари/инсталатери кои се стекнаа со соодветни сертификати препознати од земјите-членки на Европската унија.

Проектот „ТРАИНЕЕ“ е дел од Програмата „Хоризонт 2020“ и се спроведува од Стопанската комора на Македонија, како координатор, во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните – Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) – Академијата БИМ од Шпанија.

loading...