ДОДЕЛУВАЊЕ на „МКарта“: „Не би требало да го сметаме за дискриминација, иако можеби е несоодветен списокот на носители“

од Nikola Popovski
426 прегледи

Носителите на „МКарта“ од 1-ви јануари годинава при влегување во државата, ќе можат да користат fast-track на аеродромите во Скопје и Охрид. Оваа можност, која се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично признание за нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава, појасни шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Покрај научниците, лекарите и уметниците кои се добитници, на списокот од 69 македонски државјани кои живеат во дијаспората се најдоа и имињата на бизнисмени и поранешни функционери. Токму овде настанаа полемиките дали постои одредена дискриминација во однос на обичните граѓани, по што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најави дека ќе ја разгледува одлуката.

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Нано Ружин во разговор за „Локално“ вели дека поделени се неговите импресии во однос на добитниците на „МКарта“.

Нано Ружин

-Од една страна тоа е дел од економската, културолошката дипломатија за лобирање и признавање и поврзување со дијаспората и мислам дека како чин не е за потценувње и не е дискриминаторски. Дали тоа значи дека на пример кога би имале светски имиња како што тоа го имаат соседните држави, нема да им се овозможи на тие побрзо да поминат на пасошката и царинската контрола? Тоа се случува и во Србија и во Бугарија кога се работи за големи ѕвезди. Она што можеби е несоодветно е списокот на луѓето за кои што или не знаеме ништо или се луѓе кои што се правени по слободен избор. На кој начин придонеле и што направиле за Македонија, дали повеќе го правеле за сопствен интерес?, прашува Ружин.

Според него, глобалната импресија е дека е потребна соработка со дијаспората, со луѓе кои што се од различни бранши, од експерти во здравството, културата, бизнисот и кои што можат да придонесат во афирмација на државата.

-Мислам дека во идејата на МНР нема некоја малигна цел, туку напротив се работи повеќе за фактот да се изнајде некоја посоодветна формула и привлекување наши луѓе кон интересите на државата и нивна исто така помош во смисла на подобрување на имиџот на државата, истакнува Ружин.

Двата потези (со ОБСЕ и МКартите), Ружин ги гледа како поврзани.

-Не би требало тоа да го сметаме како еден вид дискриминација. Можеби е ирелевантно, но денеска таквите бенефиции ги користат поранешните амбасадори со дипломатските пасоши, кои ви ги даваат минимум тие предности. Сега имате вие луѓе со светски глас, но немаат дипломатски пасош. Тој мора сепак да биде тука со луѓето и да се најде во непријатна ситуација. Сите овие елементи се можеби со едно мешано чувство – од една страна имаме иницијатива за МКарта, а од друга страна содржината на списокот не соодветствува на она што се очекува да биде нејзина вистинска функција. Како и да е ја поддржувам оваа позиција, ни рече поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО.

Горан Тасковски

Поранешниот амбасадор во Турција, Горан Тасковски за „Локално“ вели дека не гледа како побрзо поминување на граничните процедури преку поседување на „МКарта“ драстично ќе придонесе за покажување на благодарност на истакнатите личности од страна на Македонија.

-Како амбасадор и дипломат многу ретко скоро никогаш не ги користев привилегиите за поминување на границите, особено по аеродромите на побрз и поедноставен начин. Секоја држава има обврска да ги негува и истакнува сите личности кои позитивно придонесуваат за промоција и истакнување на својата држава во странство, и за Македонија тоа е обврска и морален чин. Има многу начини на кој може да се даде признание и да се покаже почит кон оние личности кои тоа го заслужуваат, оценува тој.

Тасковски поставува две прашања во однос на ваквата поволност.

-Дали МКАРТА има дефинирани процедури и критериуми за тоа кој може да поседува таква пропусница и кој одлучува, кој дава предлог и кој ги мери активностите и постигнувањата на тие личности. Дали и тука ќе има клуч за тоа кој на која заедница припаѓа, без земање во предвид на заслуженоста и придонесот, вели соговорникот.

Според него, „појавата на чувството на дискриминација е присутно кога на граничен премин некој чека со саати, други врват за миг, на крајот сите се луѓе, а за тоа кој колку има придонес за промовирање на Македонија во странство е една работа“.

-Доколку резултатите биле извонредни, тоа е за почит бидејќи таквите дејности доаѓаат директно од душата и срцето, не може некој да се натера со сила, но поседување на „МКарта е друга работа, која може и ќе биде злоупотребена за други цели, каде и незаслужни личности безсомнение ќе бидат наградени со такви можности“, порачува тој.

Предлогот на Тасковски е да има посебна можност за Македонците да имаат привилегија за побрз влез во сопствената држава кога се враќаат од странство, наместо да чекаат со сите останати, како што е пракса во другите држави, особено кога е влез со возило.

Н.П.

Слични содржини