Додик: Ако Америка може да ги земе Гренланд и Канада, Република Српска може да се обедини со Србија

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави дека Република Српска има право да се обедини со Србија по истата аналогија како што идниот американски претседател Доналд Трамп го тврди правото на САД врз Гренланд.

Во интервју за балканскиот огранок на руската телевизија Russia Today (RT Balkan), со седиште во Белград, Додик, изразувајќи ја својата лојалност кон Владимир Путин, ја искористи можноста да го покрене прашањето за границите на европско тло и уште еднаш да ја промовира својата стара идеја за отцепување на РС од Босна и Херцеговина и обединување со Србија.

Тој рече дека постојните граници не се „света крава“ и се осврна на начинот на кој е призната независноста на сегашните држави што се појавија на територијата на поранешна Југославија.

„Ако Американците велат дека немало сецесија кај Словенците и Хрватите, туку дека тоа е реален факт на теренот, зарем и РС не беше реален факт на теренот? Зошто не вративте на таа глупост наречена Босна и Херцеговина? Ако Гренланд и Канада може, ако може Источна и Западна Германија, како сега неможе да се спои РС со Србија“, праша Додик, додавајќи дека Русија има право и на Украина.

Ако Путин не ја нападнеше Украина, тврди лидерот на босанските Срби, Русија ќе беше распадната на неколку помали држави кои ќе беа преземени од мултинационални компании.

„Но, тие не сметаа дека ќе има Путин кој има поддршка од народот и доволно решителност“, заклучи Додик.

Слични содржини