Челникот на босанските Срби, Милорад Додик синоќа изјави дека доколку биде осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, Република Српска веднаш ќе прогласи независност.
На Додик му се суди пред Судот на БиХ од февруари 2024 година по обвинението што го товари за непочитување на одлуките на високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.
Доколку биде прогласен за виновен, Додик се соочува со казна затвор до пет години, што би значело автоматско отстранување од функцијата претседател на РС.
Во интервју за ТВ РТРС емитувано во средата, тој се закани дека пресудата ќе доведе до распад на БиХ.
„Доколку има таква одлука, што и да каже некој, веднаш ќе имате одлука на собранието за отцепување од Босна и Херцеговина и референдум за независност на РС“, рече Додик, кој доби дозвола од Судот на Босна и Херцеговина да не учествува во судењето до 29 јануари поради здравствени причини.
Проценката на лекарите е дека овој период му е неопходен за да закрепне по операцијата која беше извршена во приватна клиника во Белград на почетокот на декември минатата година поради проблеми со хранопроводот.
Но, тоа не го спречи Додик да даде интервју за РТРС во кое рече дека „светата задача на РС е да ја напушти БиХ“.
„Верувам дека морам да ја извлечам РС од Босна и Херцеговина“, рече тој, додавајќи дека очекува со доаѓањето на новата американска администрација, притисокот врз политичарите од босанските Срби да се намали.
Тој, исто така, најави дека размислува дали РС треба да се повлече од учеството во спроведувањето на реформите што би ја доближиле БиХ до членството во Европската унија.
Тој рече дека единствените проблеми што ги имаме со овој ентитет се поради барањата на ЕУ и смета дека влезот на БиХ во ЕУ значи исчезнување на РС.
„Кога ќе влеземе во ЕУ, тоа значи дека нема Република Српска. Дали е тоа цената што овие луѓе сакаат да ја платат? Нека платат. Јас нема. Додека јас го водам ова, тоа нема да се случи“, кажал Додик.