Додик: Главниот преговарач со ЕУ треба да биде од Република Српска

„Го поздравуваме фактот што е најавен преговарачки статус. Очекуваме да се препознаат напорите на нашата партија за тој европски пат“, рече Додик.

од Бети Божиноска
309 прегледи

Главниот преговарач на Босна и Херцеговина со Европската Унија треба да биде од Република Српска, изјави вчера претседателот на РС и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик по седницата на Извршниот комитет на таа партија, пренесува РТРС.

„Го поздравуваме фактот што е најавен преговарачки статус. Очекуваме да се препознаат напорите на нашата партија за тој европски пат“, рече Додик и нагласи дека СНСД го поддржува европскиот пат.

Тој истакна дека на Извршниот комитет било посочено дека е неопходно целосно почитување на Механизмот за координација и посочи дека смета оти функцијата главен преговарач треба да ѝ припадне на Република Српска.

„Министерот е Бошњак, заменикот Хрват. Сите се задоволни од преговарачкиот процес кога е во прашање Федерацијата. Ќе го побараме тоа“, рече Додик.

Тој рече дека СНСД отсекогаш била за решавање на 14-те приоритети од пакетот.

„Законот за Уставен суд е дел од тие приоритети и ние инсистираме да се реши прашањето за составот на Уставниот суд“, нагласи Додик.

Тој посочи дека РС има сила и може да функционира дури и во условите на сериозни подмолни притисоци што ги вршат американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар и неговата структура во БиХ предводена од американскиот амбасадор во БиХ, Мајкл Марфи, кој „секој ден смислува што лошо да им направи на РС и на српскиот народ“.

„Тие се ежат од помислата дека овде не владеат како што сакаат и тука Република Српска ја покажува својата сила. Се обидуваат да го раскинат Дејтонскиот мировен договор, а нас не обвинуваат за тоа. Затоа Република Српска има сила,“ нагласи Додик.

Тој посочува дека САД веќе 30 години се обидуваат да ја обезвластат Република Српска во БиХ, објаснуваќи дека дури и последните изјави на Екобар не се случајни и доаѓаат во деновите кога БиХ треба да добие статус на преговарач со ЕУ.

„Многу е индикативно што токму Америка со неколку свои настапи во последните денови, со своите подмолни активности се обидува да ја усложни политичката ситуација во БиХ. Нема што не прават – санкционираат, им се закануваат на банките да не соработуваат со Владата, со властите во Српска, го обвинуваат Додик, ме влечкаат низ извештаи, им пречат нашите врски со претседателот на Русија, Владимир Путин , дека ќе добиеме преговарачки статус со ЕУ. Кога зборуваат за нешто друго, дебело лажат,“  посочи Додик.

Слични содржини