Додик го призна поразот во Бања Лука, Изетбеговиќ во Сараево

од Vladimir Zorba
401 прегледи

Претседателот на СНСД, Милорад Додик, го призна поразот во трката за градоначалник на Бања Лука. Неговиот кандидат Игор Радојичиќ не го доби мандатот, па на негово место ќе застане кандидатот на опозицијата Драшко Станивуковиќ. Претседателот на СДА, Бакир Изетбеговиќ изјави пак дека партијата изгубила три градоначалнички места во градот Сараево.

„Тажен сум што ја изгубивме Бања Лука. Игор Радојичиќ сериозно ја заврши својата работа. Бања Лука избра демократски и ние го почитуваме тој избор. Исто така сметаме дека тоа е сериозна грешка на градот. Граѓаните на Бања Лука одлучија. Радојичиќ е еден од нашите најспособни кадри. Не сум задоволен од фактот што ја загубивме Бања Лука на тоа место“, рече Додик.

„Тоа не е мал удар за нас“, изјави првиот човек на СНСД.

Драшко Станивуковиќ прогласи победа во трката за градоначалник на Бања Лука малку порано. Тој се пошегува и рече дека за прв пат по четири години ќе може да влезе во Градското собрание без да биде пречекан од полицијата. Тој посочи дека победата во Бања Лука е „предуслов за промени во целата РС и дека тоа ќе се случува“.

Претседателот на СДА, Бакир Изетбеговиќ изјави дека партијата изгубила три градоначалнички места во градот Сараево. Тој додаде дека СДА добила градоначалнички места низ БиХ.

Резултатите од изборите во БиХ се неофицијални и нецелосни.