Додик може да заврши во затвор – познато кога ќе биде објавена пресудата

од Nikola Popovski
625 прегледи

Пресудата против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик по обвинението со кое се товари за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница ќе биде изречена на 26 февруари, потврди во средата судијката, Сена Узуновиќ.

По рочиштето, на кое Додик и неговата одбрана, како и претставници на Обвинителството на БиХ ги изнесоа своите завршни зборови, Узуновиќ рече дека пресудата ќе ја соопшти следната среда во 13 часот.

Во завршниот збор, Додик ѝ рече на судијката дека таа сега има „голема одговорност“ односно како да одлучи – дали ќе се постапи врз основа на правото или на политиката. По завршувањето на рочиштето, пред седиштето на Судот на БиХ на новинарите им рече дека во случај на обвинителна пресуда, парламентот на Република Српска веднаш ќе постапи и „ќе донесе суштински важни одлуки“.

„Пресудата може да ѝ зададе фатален удар на Босна и Херцеговина“, се закани Додик, кој тврди дека судењето е дел од заговор чија цел е да се отстрани од политиката.

Обвинителот Недим Ќосиќ побара Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, да бидат прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои би биле приближни до максимумот предвиден со закон, кој може да биде и до пет години.

Тој, исто така, побара на Додик и Лукиќ да им се забрани да извршуваат функции во телата на извршната или законодавната власт во период од десет години, што практично ќе го испрати актуелниот претседател на РС во политичка пензија, бидејќи тој повеќе нема да има право да се кандидира за функцијата на изборите.

Слични содржини