Додик на средба со Путин: „Без двоумење одбиваме да влеземе во НАТО“

од Stefanija Kuzmanovska
334 прегледи

Одбиваме да се приклучиме на западните санкции против Русија и нема да влеземе во НАТО, изјави претседателот на Република Српска, Милорад Додик по денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Казан.

Тој на мрежата Х му се заблагодари на Путин за тоа што го примил и што ја разбира ситуацијата на неговата земја.

„Ги потврдивме добрите односи што Српска ги има и ги негува со руската држава и со претседателот Путин. Она што го правиме во сегашните околности е што отфрламе секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија. Без двоумење одбиваме да влеземе во НАТО. Србите беа бомбардирани двапати, Српска еднаш, Србија втор пат“, напиша Додик на Х.

Тој додаде дека „може да посведочи дека денес има огромен број млади луѓе, новородени деца, кои страдаат од последиците од осиромашен ураниум, па дури и 10 пати зголемена радијација на тие простори, како и од малигни заболувања предизвикани од тоа бомбардирање“.

„Не е ниту логично ниту нормално Српска да прифати членство во НАТО. Кога дојде Западот веднаш ги приватизираше комерцијалните банки и сега тие избираат дали сакаат да работат со нас и тоа го прават од чисто политички причини. Српска е стабилна политички и институционално. Значи, се одржуваме стабилни. Немаме посебни предизвици, но забележливо е постојаното поткопување на опозицијата и алтернативните групи кон стабилноста на Српска“, наведе Додик.

Путин на претседателот на Република Српска денеска му го врачи и орденот „Александар Невски“ за „голем придонес во развивањето на соработката меѓу Русија и БиХ и јакнење на партнерството со Република Српска“.

Слични содржини