Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска, по кого е распишана меѓународна потерница, даде интервју за австриски „Профил“. Тој зборуваше за политичката ситуација во Босна и Херцеговина, односите со рускиот претседател Владимир Путин и можноста за негово апсење.
Интервјуто со Додик било спроведено минатата среда во Бања Лука, а новинарите истакнале дека ретко имаат можност да разговараат со лице по кое е распишана потерница, но и дека тој е во центарот на тлеечки конфликт што му се заканува на Балканот. Исто така, било истакнато дека не му е дозволено да влезе во Австрија.
На прашање на новинарот за налогот за апсење, Додик рекол дека „муслиманите во Босна и Херцеговина сакаат војна“ и дека сите Срби би ги ставиле во концентрационен логор.
„Такнаречениот висок претставник Кристијан Шмит и муслиманите во Босна се против мене и некои други српски политичари. Тие би претпочитале целиот српски народ да биде испратен во концентрационен логор, како во Втората светска војна. Тогаш многу муслимани, заедно со Хрватите, ги прогонувале Србите во редовите на фашистичките усташи. Муслиманите во Босна и Херцеговина повторно сакаат војна. Тие сакаат да доведат џихадисти тука и да го спроведат шеријатскиот закон. И очигледно тоа им одговара на некои луѓе во Европа, бидејќи тие би претпочитале да се ослободат од сопственото ѓубре и да го донесат сето тоа тука“, кажал Додик за австрискиот „Профил“.
Кога го прашале дали е подготвен за војна, тој рекол: „Не, не, јас не водам војна. Јас не предизвикувам војни. Република Српска не се подготвува за ништо и нема никакви планови во таа смисла. Нашиот единствен план е Уставот“.
Кога го прашале што ќе се случи ако се обидат да го уапсат, тој одговорил:
„Тоа е хипотетичко прашање и на 66-годишна возраст не одговарам на хипотетички прашања. Ако некој мислеше дека може да ме уапси, веќе ќе го направеше тоа. Република Српска е стабилен систем, не е група бунтовници. Јас сум избран. Република Српска има структури, институции, свои полициски сили и оддел кој се занимава со заштита на одредени лица. Јас сум едно од тие заштитени лица“, порачал лидерот на босанските Срби.
Со оглед на тоа што претходно тврдеше дека ситуацијата во Босна и Херцеговина е исто толку сериозна како што беше во времето на распадот на Југославија, новинарот изјавил дека таквите изјави претставуваат воена реторика.
„Босна и Херцеговина мора да се распадне. Таа држава не е одржлива. Сепак, за разлика од многу други, верувам дека мирот не смее да се жртвува поради ова. Но, мора да разберете: во Босна и Херцеговина живеат заедно луѓе кои не сакаат да живеат заедно, рекол Додик.
На прашањето што точно го мачи толку многу во Босна и Херцеговина, Додик одговори:
„Босна и Херцеговина е ненаситен неман кој се храни со илузии од Брисел. Тука, во Република Српска, живееме слободно. Како што можете да видите, никаде овде нема знамиња на Босна и Херцеговина“, се пофалил тој.