Шефицата за дипломатија на Европската Унија, Каја Калас, во неделата изјави дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва мора да ги вклучи Украина и Европската Унија, додавајќи дека ќе организираат состанок на министрите за надворешни работи во понеделник за да се договорат за следните чекори.
„САД имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи и Украина и ЕУ, бидејќи станува збор за безбедноста на Украина и на цела Европа“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во петок во Алјаска.
Калас нагласи дека за време на напорите за „одржлив и праведен мир“, меѓународното право е јасно: „сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина“. „Договорот не смее да биде појдовна точка за понатамошна руска агресија против Украина, трансатлантската алијанса и Европа“, рекла Естонката.
Таа додала дека европските министри ќе разговараат и за ситуацијата во Појасот Газа на состанокот во понеделник.