Договорот со Бехтел и Енка ќе се разгледува на затворена седница пред пратеници со безбедносни сертификати

од Nikola Popovski

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска одржа редовна координација со координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието, на чиј дневен ред, при што се разговарало и најавеното претставување на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците.

-Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста, се вели во соопштението од координација во Собранието.

Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, според соопштението, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека прифатил Договорот да биде презентиран од владини претставници пред пратеници со безбедносен сертификат и дека согласноста е испратена во Собранието.

Пратеникот Антонио Милошоски во име на неколкумина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со безбедносни сертификати изјави дека тие по Устав и по закон имаат право на пристап до секој документ со назнака „државна тајна“.

Слични содржини