Договорот за добрососедство со Бугарија ги помина комисиските филтри во Собранието, а до крајот на неделава мнозинството очекува да се изгласа и на пленарна седница. Во образложението пред законодавно-правната комисија од Министерството за надворешни работи посочија дека преку него Македонија ќе добие помош и поддршка при напорите за членство во ЕУ и НАТО. За МНР, позитивно е и формирањето на Комисијата за разгледување на историските настани.

„Да се продлабочи заемната доверба меѓу двете договорни страни, како и да се придонесе за објективно, засновано на автентични и доказно засновани студиски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорените страни“, рече Горан Стевковски – директор во Министерство за надворешни работи на РМ.
Договорот за добрососедство ќе стапи во сила откако ќе биде изгласан во парламентите на двете држави. Инаку, собраниските комисии денеска работае со полна пареа. Законодавно-правната комисија го помина и предлог-законот за измена и дополнување на Законот за судски совет.
„За покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, надлежноста од овој Совет за факти се пренесува во Судскиот совет и токму тоа се овие измени“, рече Оливер Ристовски – заменик – министер за правда.
Законот за заштита на сведоците, со кој Специјалното обвинителство бара да му се овозможи само да одлучува кои сведоци ќе бидат заштитени, не беше ставен на дневен ред поради тоа што било оценето оти нема услови за тоа. Извиси и предлогот за укинување на Советот за утврдување факти кај судиите бидејќи овој закон сè уште не е поминат во матичната собраниска Комисија за политички систем./МИА