Дојде живот во Ѓорче Петров

од Vladimir Zorba
69 прегледи

Не можам да ја заборавам сликата кога поранешниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, застана на раскопаната улица пред мојата куќа, ги стави двата показалци во форма на крст, ме погледна и ми проговори: „Улицата ќе ти биде асфалтирана само кога јас ќе умрам“.

Веројатно беше многу гневен затоа што на социјалните мрежи и интернет порталите редовно се обидував да ги разбистрам матните води поврзани со неговата 12-годишна позлатена градоначалничка фотелја.

Но, покрај тоа што на последните локални избори тој беше сменет од позицијата и на негово место пристигна амбициозниот Александар Наумовски, јас и до ден денес жалам и сè уште не можам да се помирам со фактот дека не успеав мултимедијално да го обележам моментот со заканата и со прстите.

Сепак, завчера доживеав слично искушение, но не со Сокол, туку со неговиот наследник, кој во затворен угостителски објект без проблем си пушеше цигари и покрај тоа што законот не го дозволува тоа. Веднаш го извадив мобилниот телефон и кришум успеав да го овековечам моментот, а фотографијата предизвика лавина реакции кај јавноста.

За да биде скандалот поголем, уште истиот ден на моја сметка пристигнаа голем број прикриени закани и заплашувања од луѓе за кои што неофицијално дознав дека се блиски чеда на општинскиот татко. Па така, освен тоа што сметам дека Наумовски треба јавно да се извини и да пронајде начин како во иднина да си ја поправи грешката, истовремено сакам да го замолам, како вистински градоначалник и демократ, да упати апел до заканувачите да престанат со глупостите, бидејќи верувам дека и тој самиот е свесен дека на тој начин се загрозува слободната новинарска мисла, нешто за кое неговата партија толку многу се бореше во владеењето на претходниот режим.

Оти, нели, неблагодарно би било поради една направена грешка, односно поради неколку испушени цигари, медиумите да почнат да го отвораат прашањето дали Наумовски оправдува прогон на новинари кои професионално си ја вршат својата работа.

Мартин Богатиноски

Извор: Слободен печат