Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски информираше дека сите општини преку ЗЕЛС започнале вонредни инспекциски контроли на сите објекти од јавен карактер низ државата. Ова значи дека детално се проверуваат училиштата, градинките, спортските сали, културни установи, но и сите угостителски објекти. Особен акцент е ставен на објектите каде претстојуваат деца и млади.
Според Ѓорѓиевски, таму каде што една општина има посилни инспекциски капацитети, ќе се стават на располагање на оние кои што имаат потреба. Искуствата од еден град ќе се префрлат и на другите.
-Се внимава дали објектите имаат исправна противпожарна опрема и исправни хидранти. Дали електричните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, дали се поседуваат сите потребни документи и безбедносни елаборати…Многу градоначалници ги мобилизираат своите служби. Ќе има нулта толерација за неправилности. Објектите кои што не се безбедни ќе добијат налози за итно отстранување на недостатоците, па ако е потребно и привремено ќе се затворат додека недостатоците не се исправат, рече претседателот на ЗЕЛС на прес-конференција.
Градоначалникот информира дека во неговата општина се извршени контроли во училиштата, градинките и Домот за културата и немало утврдени аномалии, во делот на хидрантската мрежа, ПП-апаратите, доволно излези итн.