Српската докторка Ивана Стефановиќ за РТС изјави дека по пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ на Врачар, во еден момент на терен имало дури 11 екипи на Итната помош. Таа посочува дека сите се уште се потресени, дека доживеале стрес за кој факултетот не можел да ги подготви, но дека направиле извонредна работа огромната трагедија да биде малку помала отколку што можеше да биде.
По трагедијата што се случи во средата во основното училиште „Владислав Рибникар“ на Врачар, во еден момент на терен имало дури 11 екипи на Итната помош. Иако станува збор за доктори кои имаат големо искуство, и тие биле шокирани.
Доктор Ивана Стефановиќ од Итната помош за РТС вели дека вчера во 08:43 часот од училиштето во Врачар дошол првиот повик дека таму нешто се случува, дека има пукање и дека има повредени.
„Како што налага протоколот, веднаш ги испраќате трите најблиски екипи, кои беа таму многу брзо. Не известија што се случува таму, па брзо ја реорганизиравме целата работа, за да спасиме што повеќе повредени“, вели д-р Стефановиќ.
Таа наведува дека првата екипа која пристигнала згрижила 13-годишно момче и го пренела во Ургентен центар, втората екипа 13-годишно девојче на Клиниката во Тиршово, третата екипа момче од 13 години во Тиршово, четврти тим момче и девојче во Ургентен центар, петти тим наставник, 53-годишна жена во свесна состојба, до Ургентен центар и шестиот тим дете од 13 години во Тиршово.
„Потоа останаа шест екипи, една се врати. Тие тимови останаа да пишуваат констатации. После тоа повторно испративме пет екипи да бидат во МВР кога ќе се соберат родителите, пријателите и роднините, за да помагаат“, вели д-р Стефановиќ.