Документ: Кого го брани ВМРО-ДПМНЕ кога ги обвинува медиумите дека шират лажни вести?

од Aleksandar Todeski
457 прегледи

Наспроти нечии реакции, најверојатно инспирирани од бизнис интереси, а не од интересите на јавноста, Локално.мк еден од неколкуте онлјан медиуми во чиј импресум стојат новинари со долгогодишно искуство во својата работа и фирма, при објавувањето на вести се води исклучиво од проверени информации и од интересите на целокупната македонска јавност.

Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ денеска на Фејсбук објава реагираше на текстот за сомнителното купување на државно земјиште во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, земјиште за кое жителите на општина Центар протестираа, поднесоа кривична пријава и се уште се противат да им се затвори единствениот проток на светлина и воздух.

„Порталот Локално (lokalno.mk) на 16.11.2019 објави текст во кој исто така објавува невистини и шири лажни вести. Пред да се обвини за нешто, треба да се проверат фактите. А фактите кажуваат дека почетната цена за продажба на земјиштето на јавно наддавање, согласно Уредбата е 61 денар по м2, а не 5.600 ден по м2. И поради компатибилноста со намена деловен простор, таа почетна цена е зголемена како што предвидува Уредбата и е утврдена како цена од 1850 денари“, велат од Комисијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

А фактите не се во прилог на опозицијата. Фактите кои ги споменуваат од партијата се дека согласно Уредбата, која во Службениот весник на Република Македонија е објавена на 30. јануари 2012 година, а потврдена и во Службениот весник на Република Македонија, објавен на 12. април 2012 година, цената по м2 е 5.600 денари, а не 61 денар по м2. Освен линкот, кој може да се види тука, Локално го објавува и делот од Службениот весник каде јасно се гледа која е цената за Е2, односно за изградба на катни гаражи.

Останува отворено прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести, а за истото обвинува медиуми кои пред да ги објават своите вести, ги проверуваат информациите. Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија да се извини за обвинувањето на медиумите дека наводно ја лажат јавноста, истовремено преку тоа ширејќи лажна вест самите тие.

Александар Тодески

 

Слични содржини