Неодамна во јавноста протекоа десетина документи од Пентагон. Еден од нив опишува инцидент кој за малку ќе довел до впуштање на НАТО во конфликтот со Русија.
Руски борбен авион за малку ќе собореше британски авион за набљудување минатата година, според објавените воени документи на Пентагон, пишува „Вашингтон пост“. Иако американските власти претходно известија за инцидентот, деталите од документот покажуваат дека САД и другите членки на НАТО „тесно“ избегнале да влезат во директна војна со Русија.
Сè се случило на 29 септември минатата година над Крим. Во документот, еден од десетиците кои протекоа во јавноста, се наведува дека руски авион за малку ќе го соборил RC-135, авион кој собира радио бранови и други електронски пораки.
Бен Валас, британскиот министер за одбрана, извести за ова минатата година и изјави дека два руски авиона Су-27 пресретнале РЦ-135 во меѓународниот воздушен простор над Црното Море и дека летале „невнимателно“.
Како што изјавил, еден авион многу се приближил до британскиот и „испукал ракета“ во далечината. Валас тогаш не го опиша целиот инцидент како скоро соборување на британскиот авион, туку рече дека ракетата била технички неисправна и, како што рече тогаш, разговарал и со руските претставници за сè.
„Вашингтон пост“ истакнува дека таквиот чин ја покажува рамнотежата на западните земји меѓу желбата да ѝ се помогне на Украина и собирање информации за војната, но без да бидат директно вклучени во конфликтот со Москва.
Никој од американските, британските или руските официјални лица не сакаше да ги коментира наводите во документот.
„Вашингтон пост“ наведе дека документот бил означен како „SECRET/NOFORN“, што значи дека не може да се споделува со луѓе кои не се државјани на САД. Содржи бројни други руски реакции на британските и француските авиони за набљудување кои летаа над Црното Море од октомври до февруари оваа година.
Документот содржи и мапа која ја прикажува границата над Црното Море која одредува колку далеку можат да летаат авионите за надзор. Откако два руски авиони пресретнаа и соборија американско беспилотно летало, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека американските авиони ќе летаат „каде што дозволува меѓународното право“, мислејќи на самопрогласените зони на Москва над Црното Море.
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, минатиот месец изјави дека Црното Море и небото над него треба да останат отворени за сите нации.