Додека бил британски премиер, Тони Блер се сретнал со Џефри Епштајн на Даунинг стрит број 10 по препорака на лорд Питер Манделсон, кој бил отстранет од функцијата британски амбасадор во Вашингтон минатиот месец, покажуваат новооткриените документи од Националниот архив.
Епштајн го посетил Блер на 14 мај 2002 година, по предлог на Манделсон до тогашниот шеф на кабинетот на премиерот, Џонатан Пауел, објави „Гардијан“.
Манделсон бил отстранет од функцијата британски амбасадор во САД во септември откако се појавиле нови информации за неговата блискост со осудениот сексуален престапник Епштајн.
Во времето кога му ја препорачал средбата со Епштајн на Блер, Манделсон бил пратеник од Лабуристичката партија и близок соработник на Тони Блер.
Во е-пошта пред средбата со Блер, Манделсон му го опишал Епштајн на Пауел како „безбеден“ и „пријател“.
Според документите објавени од Би-Би-Си, брифинг-меморандум од високиот државен службеник Метју Рајкрофт го опишал Епштајн како пријател на Манделсон и тогашниот американски претседател Бил Клинтон, како и близок до принцот Ендрју.
Како што објави Би-Би-Си, Манделсон му напишал е-пошта на Пауел една недела пред средбата: „Се сеќавате ли кога Клинтон се сретнал со Т.Б. (Тони Блер) и рекол дека сака да го запознае со неговиот пријател Џефри Епштајн?“
Манделсон рекол дека Епштајн бил и негов пријател и го опишал како активен претприемач и некој што „има прст на пулсот на многу светски пазари и валути“.
Портпаролот на Тони Блер рекол дека средбата меѓу Блер и Епштајн се случила „долго пред злосторствата на Епштајн да станат јавно познати“.