Доларот зајакна 11-та недела по ред, колку е во однос на еврото?

од Vladimir Zorba
341 прегледи

НА ВАЛУТНИТЕ ПАЗАРИ, вредноста на доларот во однос на кошницата валути повторно порасна минатата недела, 11-ти пат по ред, бидејќи каматните стапки во САД ќе останат покачени подолго од очекуваното, а економијата продолжува солидно да расте.

Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела порасна за 0,55 отсто, на 106,17 поени, така што се движи околу највисокото ниво во последните 10 месеци.

Истовремено, доларот во однос на европската валута зајакна за 0,7 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0578 долари.

Курсот на доларот порасна и во однос на јапонската валута, за 0,7 отсто, на 149,40 јени.

Јакнење на доларот 11 недели по ред не е забележано речиси 10 години, а благодарение на ова доларот во изминатиот квартал зајакна за повеќе од 3 отсто во однос на кошничката валути.

Доларот и понатаму е поддржан од неодамнешните проценки на шефот на ФЕД дека, поради зголемената инфлација, до крајот на годината ќе треба уште еднаш да се зголемат каматните стапки за 0,25 процентни поени, во опсег од 5,50 до 5,75 проценти и дека каматните стапки би можеле да останат покачени подолго од очекуваното.

Минатата недела беше објавено дека американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 2,1 отсто на годишно ниво во вториот квартал, иако ФЕД ги зголеми каматните стапки за 5,25 процентни поени од март минатата година.

Иако е забавен, тоa е посилен раст отколку во другите западни економии.

Во исто време, инфлаторните притисоци полека се намалуваат. Во петокот беше објавен извештајот за расходите за лична потрошувачка, според кој инфлацијата првпат по повеќе од две години се лизна под 4 отсто. Но, тоа е сепак далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто.

„Цените се зголемени на месечно ниво, но генерално инфлацијата се намалува. Тоа е добра вест за пазарот бидејќи ФЕД ја следи основната стапка на инфлација“, рече Питер Кардило, економист во Spartan Capital Securities во Њујорк.

Доларот зајакнува благодарение на очекувањата дека американската економија ќе остане поотпорна на повисоки каматни стапки и цени на нафтата од другите големи економии во светот, вели Кардило.

Слични содржини