Долги колони на „Богородица“, се чека за влез во Грција

од Nikola Popovski
27 прегледи

Нови гужви на граничните премини за влез и излез од Македонија, во пресрет на викендот. Иако од АМСМ велат дека на граничните премини „Табановце“ за влез и на „Богородица“ за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање е околу 30-40 минути, сепак камерите на ЈПДП покажуваат дека чекањето е поголемо со оглед на големите колони.

Во моментов на ГП „Богородица“ се пуштени сите пет ленти и сите се исполнети со возила. Според последните информации, колоните се долги неколку километри.

На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 1. јули до 31-ви август на државните патишта во Република Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.