Должничкиот товар во земјите со ниски приходи се зголеми за 12 проценти на рекордни 860 милијарди долари во 2020 година, бидејќи владите одговорија на кризата „Ковид-19“ со огромни пакети за фискална, монетарна и финансиска стимулација, се вели во денешниот извештај на Светска банка (СБ).
Претседателот на оваа меѓународна финансиска институција, Дејвид Малпас, изјави дека извештајот укажува на драматично зголемување на ранливоста на долгот со кои се соочуваат земјите со низок и среден приход и повика на итни чекори за да им се помогне да го намалат долгот на поодржливо ниво, пренесе Ројтерс.
„Потребен ни е сеопфатен пристап кон проблемот, вклучувајќи намалување на долгот, побрзо преструктуирање и подобрена транспарентност“, напиша Малпас во воведниот дел од извештајот, насловен како Меѓународна статистика за долгот 2022 година.
Тој нагласи дека „одржливото ниво на долг е од витално значење за економско закрепнување и намалување на сиромаштијата“.
Во документот се наведува дека состојбата со надворешниот долг на земјите со низок и среден приход се зголемила за вкупно 5,3 проценти во 2020 година, на 8,7 трилиони долари, што ги засега земјите во сите региони.
Забележано е дека зголемувањето на надворешниот долг го надмина растот на бруто националниот доход (БДП) и извозот, при што односот на надворешниот долг на сиромашните земји кон БДП, без Кина, порасна за пет процентни поени на 42 проценти минатата година, додека нивниот надворешниот долг според извозот скокна на 154 проценти од 126 проценти во 2019 година.
Малпас рече дека итно се потребни напори за преструктуирање на долгот, имајќи предвид дека на крајот на оваа година истекува Иницијативата на Групата 20 големи економии на светот за мораториум за отплата на долгот (ДСИ), што овозможи привремено одложување на намирување на долгот.
Минатата година, доверителите на Г -20 и Парискиот клуб започнаа Заедничка рамка за порамнување на долгот за да ја реструктуираат неодржливата состојба на долгот и да го продолжат финансискиот јаз во земјите подобни за ДСИ, но досега се пријавиле само три земји – Етиопија, Чад и Замбија.
Според извештајот на СБ, нето-приливите од мултилатерални кредитори кон земјите со низок и среден приход пораснаа на 117 милијарди долари во 2020 година, што е највисоко ниво во последните 10 години.
Нето-кредитирањето на земјите со ниски приходи се зголеми за 25 проценти на 71 милијарди долари, исто така највисоко ниво во последната деценија, при што ММФ и другите мултилатерални кредитори обезбедија 42 милијарди долари, а билатералните заемодавачи 10 милијарди долари, се вели во документот на Светска банка.
Кармен Рајнхарт, главен економист на Светска банка, вели дека проблемите со кои се соочуваат високо задолжените земји може да се влошат со зголемувањето на каматните стапки.
„Креаторите на монетарната политика, особено оние на пазарите во развој и економиите во развој, треба да се подготват за евентуални тешкотии при позајмување кога условите на финансискиот пазар ќе станат понеповолни“, рече таа.