ДОМ бара од Владата да не го одолговлекува чистењето на линданот во ОХИС

од Nikola Popovski
35 прегледи

Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изразува загриженост за пролонгирањето на расчистувањето на малата депонија со НСН изомери во поранешната фабрика ОХИС АД. За истата имаше изјави од министрите за животна средина дека ќе се расчисти до почетокот на 2023 година.

-Дополнително обезбедените средства на 27-та седница (23.10.2024) на Владата на РС Македонија во висина од 27.453.000 денари (400.000 евра) се минорни за целосно расчистување. УНОПС како имплементациона агенција која имаше обврска да мобилизира дополнителни средства за комплетна ремедијација на малата депонија досега не обезбеди средства, велат од ДОМ и очекуваат Владата во Буџетот за 2025 година да придвиди средства за конечно расчистување на малата депонија како би се намалило влијанието врз здравјето на луѓето и животната средина во Скопје.

Министерот за животна средина, Изет Меџити вчера информира дека исчистени се 3/5 во „Охис“ и има средства во Владата за чистење и на преостанатиот дел од депонијата. Според Меџити, штом се заврши тоа, ќе треба покрупни чекори со стратешките партнери за решение и за линданот, но и за проблемите во Југохром, Ваксинце и Велес.

-Тука сакам да ги пофалам и „Бехтел и Енка“ кои што помагаат и надвор од проектот, во чистење на депонии, кажа Меџити.

Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци, или до крајот на минатата година. Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан.

Слични содржини