ДОМ бара Закон за градење по мерка на граѓаните

од Vladimir Zorba
62 прегледи

Партијата ДОМ со загриженост го следи начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции, велат во денешното соопштение.

„Членот 62-а имаше за цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со нови градби кои можат да влијаат на нивниот живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина.

Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање на таква рамка.

Апелираме до Владата и Собранието :

* Да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесување на нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка веќе постоечките нацрт-текстови.

* Да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка која ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото.

* Во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.

Веруваме дека преку заеднички напори и фокусирање на системски решенија, можеме да создадеме подобро законско опкружување за сите“, додаваат оттаму во соопштението.